27.8 C
Skopje

Ѓоргиев: Сегашниот пристап од Софија води кон консолидирање на наративите на Тодор Живков

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања денеска продолжува со својата работа, но во една крајно влошена атмосфера по отворањето на Бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола.

Претседателот на Комисијата од македонска страна, професор Драги Ѓоргиев во интервју за „Фокус“ направено пред почетокот на новата рунда разговори, дава свое видување за најавената Комисија за историја во сенка на Клубот за бугарско-македонско пријателство, но и за барањата да се прекине работата на официјалната Комисија.

Македонски и бугарски историчари најавија формирање на таканаречена Комисија за историја во сенка. Мислите ли дека една ваква паралелна комисија, необременета со притисоци од политичари, може да даде позитивен импут во целиот процес?

Ѓоргиев: Ние во неколку наврати истакнувавме дека е потребно да се прошират дебатите и контактите меѓу македонските и бугарските историчари и интелектуалци, пред се, од хуманистичките науки, со цел решавањето на проблемите помеѓу двете држави кои произлегуваат од различните толкувања на минатото да добие поширока научна платформа. Секако, тоа би ја зацврстило и позицијата на историчарите и интелектуалците кои имаат различни перцепции на историските контроверзи во однос на „апсолутните историски вистини“ на двете страни.

А, какви перцепции имаат бугарските членови на официјалната Комисија?

Ѓоргиев: Пристапот на некои од бугарските членови на Комисијата и на бугарската мејнстрим историографија за решавање на македонско-бугарските историски недоразбирања преку наметнување само на сопствената „историска вистина“ за која не може да постои никакво поинакво толкување и сомневање, всушност, претставува максималистички и крајно нереален пристап кој ја доведе работата на Комисијата во сегашната ситуација. Инсистирањето на брзи решенија, проследено со политизирани изјави ја покажуваат и политичката димензија во тој пристап. Продолжувањето на таквиот пристап и постојаното префрлање на вината за застојот само врз македонска страна, покажува дека, всушност, не постои искрена желба од другата страна да се надминат децениските исполитизирани историски контроверзи.

Според Вас, на што треба да се внимава во работата на Комисијата, но и на ваквите иницијативи како најавената Комисија во сенка?

Ѓоргиев: Важно е и во работата на нашата Комисија и во иницијативата која ја спомнувате, учесниците во разговорите искрено да посакуваат надминување на историските проблеми ослободено од идеолошки, политички и партиски влијанија, без робување на историските митови и без користење на овие проблеми за партиски и политички интереси кои понекогаш се претставуваат како национални интереси.

Но, треба да се спомне дека било која Комисија или било каков форум од интелектуалци (историчари, антрополози, етнолози, политолози и други) не може да дава конечни одговори на историски прашања и да утврдува историски вистини.

Историјата и историографските прашања секогаш ќе останат во доменот на истражувањата на големата заедница на историчари и на оние интелектуалци чиј интерес е минатото и секогаш ќе бидат предмет на дискусија помеѓу нив. Многу е важно во таа дискусија да бидат запазени академските и научни принципи и најновите теоретски достигнувања на повеќе хуманистички науки, без политикантски пристапи и партиски влијанија. Само така ќе имаат корист и двете општества, иако било која Комисија или било која иницијатива која ќе има за цел да помогне во надминувањето на спорот секогаш ќе работи во одреден политички контекст и секогаш ќе биде дел од интересот на јавноста и политиката.

Дел од македонските историчари побараа прекин на преговорите на Комисијата за историја. Постои ли опцијата македонската страна да се повлече од преговорите поради пристапот на бугарските членови во Комисијата?

Ѓоргиев: Првин, сакам да уточнам дека во Комисијата не се преговара, туку се разговара, се водат дискусии и се бара начин како да се изготват препораки со цел подобрување на историското образование во двете држави. Мал број на историчари и политичари во Македонија упорно се обидуваат да го наметнат овој термин преку кој се манипулира со јавноста дека македонските членови во Комисијата „преговараат за продавање на македонската историја“ и преку кој се креира чувство дека се губи македонскиот идентитет.

Последниве, всушност, без воопшто да ја познаваат работата на Комисијата, само врз база на некои изјави, пред се, на бугарски политичари и историчари, без никаква одговорност манипулираат со работата на Комисијата, и воопшто историјата, како и со чувствата на граѓаните, со цел да се создаде претстава за предавство. Сепак, треба да се потенцира дека изјавите на неколку историчари не значи дека тоа е мислење на сите историчари.

Во однос на можниот прекин на работата на Комисија?

Ѓоргиев: Всушност, идејата за прекин не само на работата на Комисијата, туку и на дијалогот меѓу Македонија и Бугарија не е нешто ново, туку трае веќе повеќе од две години, односно од октомври 2019 г. кога беше усвоена фамозната бугарска декларација за Македонија. Тоа беше почеток на дискредитацијата на идејата дека е можен рамноправен дијалог и тоа посебно силно се одрази врз работата на Комисијата. Ваквиот пристап кон македонско-бугарските односи резултираше со изјави на одредени бугарски политичари и историчари кои целосно ја исполитизираа работата на Комисијата и кои, всушност, ја покажа нивната идеја не само за постигање „историска победа“,  туку и за постигање на политички цели. На тој начин обидот за политичко инструментализирање на Комисијата со цел наметнување на бугарските тези, стана најголемиот проблем на Комисијата и причина за нејзино негативно перцепирање.

Сепак, според мене идејата за прекин на работата на Комисијата, пред се е резултат на неискрениот однос на бугарската политика кон Македонија, како и навредливите и негаторски изјави за Македонците на некои бугарски политичари.

Што е потребно за работата на Комисијата да успее, да даде резултати?

Ѓоргиев: Сакам да потенцирам дека од самиот почеток, нашиот пристап беше и сè уште е искрен и професионален и тој се заснова на самокритичност кон сопствените етно-национални историски наративи, нивно преиспитување засновано на научни принципи и секако на позитивното искуство на многуте различни комисии кои работеле на решавање на спорови кои произлегуваат од различното толкување на минатото. Исто така, тоа е пристап кој настојува отстранување на структуралните проблеми во историското образование во двете држави со што би се изградил систем кој ќе помогне во градењето на добри односи.

Меѓутоа, за да успее овој пристап неопходно е двете страни да бидат искрено посветени во решавањето на споровите преку заемно почитување и искрен дијалог. За жал, сегашниот пристап на дел од интелектуалната и политичката елита во Софија и на некои од колегите во Комисијата од Република Бугарија е заложник на минатите времиња и води кон консолидирање на старите наративи оформени во времето на Тодор Живков за целосно негирање на идентитетот и културата на Македонците.

Дали ова значи дека е потребено да се промени пристапот кон разговорите?

Ѓоргиев: И покрај се, лично сметам дека не треба да се прекинат разговорите со Бугарија за симболичките и политички спорови околу историјата, но мислам дека доколку се сакаат резултати кои ќе бидат од корист за двата народа, тогаш треба да се размисли за пристапот кон тие разговори.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во случај на договор со Бугарија, Франција ќе организира прва меѓувладина седница на Северна Македонија и ЕУ

Француското Министерство за надворешни работи и Европа се огласи по средбата на шефот на француската дипломатија Жан-Ив Ле Дриан со неговиот колега од Северна...

Средба на министерот Шаќири со романската амбасадорка Адела Моника Аксинте

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска имаше средба со амбасадорката на Романија Адела Моника Аксинте, на која разговарале за унапредување и интензивирање...

Ѓоргиев: Сегашниот пристап од Софија води кон консолидирање на наративите на Тодор Живков

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања денеска продолжува со својата работа, но во една крајно влошена атмосфера по отворањето на Бугарскиот клуб...

Зошто и како странци купуваат недвижности во офшор земји како Дубаи?

Во овие финансиски или даночни раеви инвеститорите се ослободени од даноци и немаат никаква законска обврска да го докажуваат потеклото на своите пари пред...

Превирања во НСДП: Битка за наследник на Тито

Има судир, но не и раскол во НСДП, вели за Фокус се уште актуелниот партиски претседател во заминување Тито Петковски, откако два табори влегоа...